Skip to content


Фолклорен адвертајзинг

Интервју со Амир Исмаили, најкреативниот пазарџија во Македонија

Минатата недела во сандачето на New Moment стигна една интересна апликација за работа во агенцијата. Во писмото имаше напишано: “Долги реченици ми се слаба страна, бидејќи кратко пишувам, а длабоко се изразувам”. Но, кога го видов неговото портфолио, веднаш го препознав делото на овој креативец, со кое сум се сретнувала повеќе пати кога сум пазарувала на пазарче Тафталиџе.

Морам да признаам дека навистина се израдував и не можев да одолеам, едноставно морав да го запознаам изворниот копирајтер од Нерези – Амир. Иако не е прв пат Амир да го привлече вниманието на медиумите и јавноста со своите слогани, сепак го замолив за едно кратко е-маил интервју наменето за овој блог.

Амир Исмаили, копирајтерот од пазарчето Тафталиџе

Амир Исмаили, копирајтерот од пазарчето Тафталиџе

Амир има 38 години и е дипломиран социолог (дипломирал на УКИМ), но се занимава со трговија со зеленчук и овошје (“Пиљара НЕРЕЗИ” е негов фамилијарен бизнис). Тој вели дека своето знаење како социолог го има искористено и во овој бизнис, односно направил истражување како да го воспостави првиот контакт со муштериите и така дошол до идејата за употреба на креативни слогани за своите производи. Инаку работи и како Bus coordinator во интернационалното училиште QSI International School. “Имам прекрасна фамилија – жена која што многу ме подржува, и четири прекрасни ќерки” – додава Амир, во воведот во кој го замолив кратко да се опише себеси и својата работа.

Во продолжение се неговите одговори на моите прашања, пренесени во оригинал.

Како се доживуваш себеси, како пазарџија или како копирајтер?

Па видите, во моментот се доживувам и во двата областа бидејки инспирацијата произлезе од самата работа како пазарџија и ги напишав креативните слогани како копирајтер. Но сепак да не ме сватите погрешно, не велам дека за да пишуваш некој креативен слоган, на пример за компир, дека копирајтерот треба да биде од областа земјоделец, не, копирајтерот треба да го знае намената на тој производ и менталитетот на народот на кому е наменет, и тогаш може да се создаде идеален креативен слоган.

Дали твоите слогани направиле повеќе да се купува од твојата тезга или пиљара?

Мојата Пиљара е во тезги во самиот пазар Тафталиџе. Да, купувањето порасна бидејки на муштерииве им е интересно тоа да се види на пазар. Резултатот е очигледно бидејки како прво ние се разликуваме од другите тезги со самото тоа што имаме слогани на производите, а имаме и квалитетна роба, бидејки ако не е квалитетот слоганот ке испадне изневерување, еве еден пример на слоган кој мора да биде соодветен со робата што се продава: “Бидете мили земете патлиџан без жили”. Е сега ако патлиџанот во реалност има жили тогаш која е поентава на слоганот?

Како коментираат купувачите на твоите слогани, што велат кога ќе ги видат? Реагираат ли некако, велат дека им се допаѓаат?

Како што горе спомнав, проблемот со првата комуникација која е многу важна веќе сум го решил, муштерииве поминуваќи случајно ке ги здогледаат и се многу воодушевени и одма го бараат ауторот и се воспоставува вербалната комуникација, 90 проценти од нив купуваат. И кога кај нас муштеријата еднаш ке купи после секогаш купува, дали знаете зошто? Бидејки производот и слоганот се една вистина.

И што е многу интересно, муштерииве толку што биле воодушевени ме предложиле да бидам дел од програмата на Горан од Зевзекманија. И така во неговата емисија на Канал 5 ме имаше околу 10 минути, што значи си добив бесплатно рекламирање а вие многу добро знаете колку кошта 10 минутно рекламирање.

Во своето портфолио имаш претставено 15-тина навистина креативни слогани. Кој е твојот омилен слоган?

Навистина не можам да ги двојам бидејки сите сум ги пишувал со кејф и оригинално, но ипак ке го двојам слоганот “КОМПИР ПЛАВУША” затоа што плавушиве љуто ми се нафрлуваат кога ке го прочитаат истото, се разбира од љубопитен аспект, и потоа почнува дебата на објаснување и на крај кога ке сватат дека тоа не е навреда туку напротив, тогаш многуте од нив поради муабетот ке купат нешто, и така им останувам во сеќавањето и следниот пат како место за пазарење јас сум прв на листот.

Дали пишуваш слогани и за други производи и клиенти?

За било каков производ можам да пишувам слогани, тоа воопшто не ми е проблем, затоа аплицирав кај вас за да пишувам за било која бранжа. А и пишувам одлично на два јазика (Македонски и Албански) и Англиски многу добро.

Дали себеси во иднина се гледаш во рекламна агенција, како копирајтер? Си се обидел ли да аплицираш за работа и во други агенции?

Апсолутно да, се разбира ако се пружи шанса, а шансата доаѓа ако си упорен и ако на себе си велиш “Don’t give up”. Аплицирав во JWT, но вие сте ми нај омилена агенција. Дали знаеш зошто? Бидејки сакам Нови Моменти!

Don’t give up, Амир! Држам палци и ти посакувам многу убави (нови) моменти :)

Posted in Адвертајзинг. Tagged with , , , .

3 Responses

Stay in touch with the conversation, subscribe to the RSS feed for comments on this post.

  1. Amir e dzvezda u maalo. Bravo za intervjuto i idejata!

  2. Фала, друже! Кој си пазари на Тафталиџе пазарче не може да не го знае ликот и делото на Амир, нели? :) )

  3. Lovro said

    Bravo Amire , so vasata kreativnost e potstaknavte i mojata , e verovatno i na mnogu drugi.

Some HTML is OK

(required)

(required, but never shared)

or, reply to this post via trackback.