Skip to content


Website closed.

Или: Зошто белгиските агенции се офлајн оваа недела?

Иако веб-страниците на белгиската адвертајзинг индустрија се офлајн оваа недела, постои една многу добра причина да ги посетите, а тоа е виртуелниот штрајк на белгиските рекламни агенции.

Ако одите на страната на некоја од агенциите учесници во штрајкот (на пример, VVL, дел од BBDO групацијата), наместо официјалната страна на агенцијата ќе ве пречека следниов текст: “Драги посетители, kако што можете да видите, ги заменивме нашите редовни веб-сајтови со ова писмо. Тоа ќе остане така една недела за да го искажeме нашето незадоволство. Дозволете да појасниме….” За да продолжите со читање на целото писмо, треба да кликнете на линкот на дното од страницата кој ќе ве однесе до следниот сајт, на друга рекламна агенција, итн. Целото писмо е објавено во делови, на 26 веб страници на 25 белгиски агенции, меѓу кои JWT, Ogilvy, BBDO, Saatchi & Saatchi, McCann, како и локални “бутици”, како Happiness, Famous, Tagora, Boondoogle, 7beaufort и Kunstmaan. Последниот линк води до Здружението на белгиските рекламни агенции потпишано како иницијатор на овој виртуелен штрајк.

Зошто штрајкуваат белгиските агенции?

Во 1990-тите години, Белгиската рекламна индустрија донесе повелба со која се регулирале односите и ‘правилата на игра’ при учество на pitch (натпревар, тендер), но во последно време, особено заради економската криза, многу компании и огласувачи престанале да ги почитуваат одредбите во повелбата, поканувајќи повеќе од три агенции да учествуваат на пичот и не покривајќи ги трошоците на агенциите за учеството. Се започнало кога националната лотарија поканила на пич 10 агенции, а потоа организирала дополнителен пич за 4 избрани агенции за повторно да се натпреваруваат во нов круг. Охрабрени од овој чекор, примерот почнале да го следат и останатите огласувачи.

Белгиските агенции го изразуваат својот протест преку овој еднонеделен виртуелен штрајк, и повикуваат на почитување на веќе постоечката повелба, составена и усвоена од страна на Здружението на агенциите (ACC Association of Communication Companies) и унијата на огласувачите (UBA Belgian Union of Advertisers). Меѓу другото протоколот препорачува и одредени чекори за вреднување на учеството во пичот, како и заштита на интелектуалните права.

Што е со македонската рекламна индустрија?

Односот на клиентите и нивниот начин на работа и спроведување на пичеви не е ништо поразличен ни кај нас. Со таа разлика што кај нас таквиот однос и невреднување на работата на агенциите за пич нема никаква врска со економската криза – исто си беше и пред кризата.

Македонските агенции пред неколку години се организираа и се здружија со цел да донесат слична повелба, односно етички кодекс кој ќе ги регулира и односите во случај на учество на пич. Покрај другото, во тој кодекс беше предвидено и агенциите да бидат платени за учеството на пичеви, со што би се надоместиле трошоците и времето вложени за учество во пичот, но и би влијаело на огласувачите да бидат внимателни кога ќе одлучуваат колку и кои агенции ќе ги поканат на пич. Како што претпоставувате, нелојалната конкуренција ја направи трката по нов бизнис уште повалкана. Едноставно некој го почитуваше кодексот, а некој не; агенциите кои продолжија со почитување на кодексот и инсистираа да се вреднува нивната работа за пичот повеќе никој не ги покануваше, зошто имаше и такви кои не бараа да им се плати.

Но она што треба на сите да им биде јасно е дека ако само еден не ги почитува правилата, тогаш ниеден кодекс или повелба нема да имаат никаква смисла. Како што велат и белгиските “штрајкувачи”, на крајот ќе изгубат и самите огласувачи зошто нема да го добијат квалитетот што го заслужуваат.

Posted in Едукација, Маркетинг. Tagged with , , , , , , , , , .

0 Responses

Stay in touch with the conversation, subscribe to the RSS feed for comments on this post.

Some HTML is OK

(required)

(required, but never shared)

or, reply to this post via trackback.