Вчера беше промовиран и четвртиот спот од вкупно седум од серијата “Macedonia Timeless”, како дел од владината кампања за промоција на Македонија на CNN. Од претходниот пост на оваа тема до сега останав должна со осврт на новите спотови кои беа промовирани во изминативе неколку недели.
1. “Македонија вечна” – Милчо Манчевски, Сенки продукција
2. “Македонија вечна” – Игор Иванов-Изи, Пристоп МК
3. “Македонија вечна” – Ѓорче Ставревски (за природните убавини, сеуште не е официјално промовиран, иако е најавено дека е веќе готов)
4. “Македонски храмови” – Милчо Манчевски, Сенки продукција
5. “Охрид град на светлината” – Душан Дракалски, New Moment
Во најава се уште два спота:
6. Спот за промоција на македонско вино
7. Спот за промоција на Македонија како археолошки рај
Со новите спотови некои дилеми се разјаснија. Затоа нема премногу да пишувам, само на кратко ќе се надоврзам на претходните заклучоци.
ОК, сега е веќе јасно дека copy-то “Macedonia Timeless” остана како амбрела за сите спотови од кампањата, и тоа преведено на македонски како “Македонија вечна”, а не “безвременска Македонија”. И повторно ништо ниту безвременско ниту вечно нема тука, заради што сметам всушност уште повеќе се наметнува потребата од посебни приказни и пораки развиени за секој од спотовите посебно.
Промотивна кампања или уметничко дело? Значи, повторно да потсетам дека спотот не треба да се гледа (само) како уметничко дело, израз на авторот, туку како дел од кампања која треба да ја претстави Македонија во светот и да привлече туристи.
Секој режисер со свој пристап, и во сопствен стил.
Манчевски продолжува со напорните кратки и брзи кадри, кои молскавично се менуваат, прикажувајќи де фрагменти од цркви, де некои нејасни ноќни хипер-урбани сцени со скејтери и златни рипки. Инаку станува збор за прв спот специјализиран за одреден сегмент на туризмот, односно за сакрален туризам (цркви, манастири и џамии), кој е насловен како “Македонски храмови”. Што сакал авторот да каже не ми е баш најјасно.
Изи ја замислил видео презентацијата како “своевидно патување низ природните убавини, културното наследство и туристичките потенцијали на Република Македонија”. Приказната ја води низ нарација на мек машки voice over. Пријатен и допадлив, не многу инвентивен, типичен туристички спот. Иако, како и повеќето, мислам дека би можел и без кадрите од античка Македонија.
Лично, најмногу ми се допаѓа спотот за Охрид на Душан Дракалски и New Moment, промовиран вчера, а насловен како “Охрид – град на светлината”. Спотот е модерна мини видео-сторија за древниот град на светлината, претставувајќи го Охрид не само како лулка на цивилизацијата, туку и како туристичка атракција со одлична традиционална кујна и забава. Со прекрасна фотографија, сепак овој спот е најблиску до реалноста, до современото лице на градот. Од друга страна, овој спот има своја препознатлива, јасна и издржана приказна, приказната за градот на светлината (Лихнидос, старото име на Охрид), раскажана во спотот низ визуелната игра на сенки и светлина.
И она што сакам да го издвојам на крај е дека последниот спот од серијата Македонија вечна, “Охрид – град на светлината”, е снимен за 80.000 евра, за разлика од останатите спотови кои Владата ја чинеа секој по околу 200.000! На кратко: значи можело да се сними одличен спот за промоција на земјата и за помалку од половината од безобразно високите суми кои ги наплаќаат ‘големите’ режисери. Е па кога се сака се може!
4 Responses
Stay in touch with the conversation, subscribe to the RSS feed for comments on this post.
Пред некој ден правев муабет со американка која живее и работи некое време во МК. Сред муабет се изјасни дека не сака да си оди од тука, дека и е многу убаво. Шетала на многу места ама тука и било најубаво.
Ја прашав ЗОШТО?
Одговорот беше премногу едноствен: заради луѓето.
Па си помислив дали ние некаде во спотовите и општо се обидовме да ја опишеме луѓето во МК? Знам дека е тоа тешко, но ако тоа ни е најголемото богатство? Мислам дека треба некој да се обиде.
Колку и да звучи излитено ова со луѓево, морам да кажам дека сум имал и доста контакти со странци кои доаѓале во МК и се повторувала оваа изјава дека луѓето и храната е нашето најголемо богатство.
Не е битно кој колку пари потрошил, ниту пак кој има боља естетика. Владата би морала да знае дека се тоа џабе фрлени пари и дека ефектот на сите овие спотови е НУЛА. Проверете ги цените на авио билетите од сите светски дестинации до Скопје или Охрид и споредете ги со цените на летовите до било кој друг европски или светски туристички центар. А за туристичката инфраструктура и квалитетот на услугите и да не праиме муабет. Треба да си непоправлив мазохист или болно да ја сакаш Македонија за да се одлучиш да ја посетиш нашава земја…
За убави, убави се сите спотови ама пак им недостасува секс. Кај Изи има троа нешто ама треба повеќе. Кога ги гледам грчките спотови – сонце, море, убави и летно разголени мажи и жени, трпеза со храна и узо и понекој антички столб (колку да се рече) – веднаш добивам желба да одам.
А кај нас, цркви, храмови, амфитеатри, историја, историја….
Continuing the Discussion