Skip to content


Дали CSR стратегиите се исплатат?

CSR помага во растење на вредноста на компанијата

CSR индиректно помага во растење на вредноста на компанијата

Многу често бизнис менаџерите го поставуваат прашањето колку вреди да се “потроши” на CSR (CSR = Corporate Social Responsibility = општествена одговорност на компанијата) стратегија и дали спроведувањето на CSR активности воопшто се исплати?

Неодамна Forbes објави статија на оваа тема, бранејќи го ставот дека практикувањето на CSR не и носи на компанијата позитивно влијание, заклучок преземен од истражувањето на David Vogel, работено на компании од Fortune 500 листата. За разлика од Vogel, и други експерти имаат направено слични анализи врз истите компании, но дошле до сосема поинакви сознанија.

На пример, Goldman Sachs Report од 2007 година покажа дека меѓу шест бизнис сектори (енергија, рударство, челик, прехрана, пијалаци и медиуми), компаниите кои се сметаат за лидери во имплементација на ESG политики (ESG = Environment, Social, Governance policies) акциите им пораснале за 25% за 2 години во однос на нивните конкуренти.

И според Domini 400 Social Index, компаниите кои практикуваат CSR имаат попозитивен перформанс.

Едно поново истражување, направено од Panel Intelligence во ноември 2008, ја потврдува исплатливоста на CSR. Имено, околу 80% од компаниите лидери во CSR се изјасниле дека во 2009 година планираат да ги зголемат буџетите за CSR, и покрај светската финансиска криза. Тие исто така истакнале дека очекуваат дека трошоците за одржливост ќе се зголемат дури за 73% во 2010 година.

Уште една понова анализа открива дека, како резултат на “екофлација”, компаниите за пакувани добра можат да очекуваат намалување на заработката од 19 до 47 отсто во следната декада, доколку не имплементираат соодветни мерки за одржливост и CSR.

И истражувањето Trends in Communication Management and Public Relations на European Communication Monitor од ноември 2008 година потврдува дека 73% од ПР професионалците во Европа сметаат дека CSR ќе биде уште поважна во наредните три години, а четири од десет сметаат дека CSR е стратешко прашање со кое менаџментот мора да се занимава. Дополнително, ова истражување дава и други корисни податоци за CSR. На пример, околу 75% од европските ПР професионалци се вклучени во CSR активности, а главна мотивација за тоа, кај речиси сите типови на компании и во сите региони на Европа, е управувањето со угледот (reputation management, 70%). Најчеста CSR активност што се спроведува е корпоративниот профил (вредности и стратегија, 60.8%). Сепак, во одредени региони во Европа, изборот на CSR стратегија се разликува: додека во Источна и Јужна Европа општествените акции се главниот аспект, корпоративната етика игра главна улога на Запад и на Север од континентот. Комуницирањето на активности за заштита на животната средина е помалку вреднувано во Источна Европа.

Прашањето за “исплатливоста” на CSR стратегиите е многу често, веројатно затоа што резултатите не можат да се видат на краток рок. Многу од менаџерите кои одлучуваат за распределување на буџетите на компанијата не можат да го видат веднаш ефектот од CSR, па полесно се одлучуваат за инвестирање во стратегии кои ќе им дадат позитивни резултати за пократок период.

Од друга страна, CSR навистина не може директно да се поврзе со некаков подобрен финансиски перформанс на компанијата, па веројатно за такво нешто да се докаже потребна е потемелна анализа на бизнис случај. Сепак, очигледно е дека CSR индиректно помага во растење на вредноста на компанијата, преку: зголемување на ангажираноста на вработените, подобрување на угледот на компанијата, води кон иновација и диференцираност во производите, помага во менаџирање на ризиците, придонесува кон решавање на општествени проблеми, итн.

Но, се согласувам со Vogel кога вели дека ниедна CSR стратегија не може да ја спаси компанијата со слаб менаџмент, кој донесува лоши бизнис одлуки.

Posted in CSR, ПР. Tagged with , .

One Response

Stay in touch with the conversation, subscribe to the RSS feed for comments on this post.

  1. Одличен осврт.
    Еве кратко теоретско дополнување со аргументите ЗА корпоративната општествена одговорност:

    Од корпоративната општествена одговорност, како принцип на работење и дејствување, се остваруваат придобивки за општеството, но и за инволвираните компании.

    Општеството поддржано од проактивните стратегии на компанијата и корпоративната инволвираност во решавање на општествените проблеми, во општествено одговорните бизниси препознава свој партнер за креирање подобри услови за сите. Од друга страна, најсилниот аргумент ЗА корпоративната општествена одговорност е фактот дека компанијата којашто промовира грижа за општеството во целина истовремено го промовира нејзиниот корпоративен имиџ на позитивен начин и градејќи релација на доверба со “стејкхолдерите”, на долг рок го зголемува профитот за акционерите.

    Корпорациите, градејќи повратни врски со различните групи на коишто влијаат или од коишто трпат влијание, ја редефинираат нивната улога и стануваат партнери во областа на општествената политика и во градењето граѓанско општество, вклучувајќи ги и областите на имплементација на владеењето на законот, заштита на животната средина и на човековите права, наоѓаат начини да ги вклучат државите, локалните зедници и граѓаните како партнери и “стејкхолдери”, а не противници и да ги признаат нивните интереси. Сето ова е од решавачко значење за градењето поволна клима во којашто компаниите можат да го зголемуваат својот долгорочен профит.

    И од примерите за македонските општествено одговорни бизниси, може да се заклучи дека првенствено моќните и растечки компании го промовираат концептот на општествена одговорност како начин на работење и дејствување, но таквото инвестирање и партнерско инволвирање во општеството не значи осиромашување на компанијата, туку напротив, идна финансиска добивка и посилна компанија .

    А од сето тоа произлегува заклучокот и тезата дека давањето е еднакво на имањето. Секако, само доколку се има визија за иднината.

Some HTML is OK

(required)

(required, but never shared)

or, reply to this post via trackback.